Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме граѓаните и медиумите да бидат жртви на тоталитарната...

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме граѓаните и медиумите да бидат жртви на тоталитарната идеологија на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи СДСМ да ја узурпира и да ја укинува слободата на медиумите и да дејствува спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и за слобода на информирање, стои во реакцијата на владејачката партија по денешната изјава на лидерот на опозициската партија, Зоран Заев, за состојбата во медиумите.

„Немањето основен демократски и плуралистички капацитет е проблем само на Зоран Заев и на СДСМ и срамот од ваквото дејствување ќе го носат само тие. Нема да дозволиме граѓаните на Република Македонија кои имаат слобода на информирање, како и сите медиуми во Македонија кои имаат слобода на говор да бидат жртви на тоталитарната идеологија на СДСМ и на фашистичките закони што сакаат да ги воведат во Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија ги повика СДСМ и Заев да престанат со заканите кон медиумите и со обидите да ја укинат слободата на говор.

„Оваа невидена дрскост и деструктивност го покажува елементарното непознавање на Зоран Заев во доменот на медиумите и на човековите права и слободи. Заев и СДСМ итно треба да ги повторат основните лекции за демократија и за човекови права. Фашистичкиот предлог-закон за медиуми кој е произлезен од тоталитарниот ум на Зоран Заев, кој денеска го виде целата јавност, нема да го види светлото на денот“, стои во реакцијата на партијата.