Македонија ВМРО-ДПМНЕ го осуди инцидентот во Битола и бара да не се злоупотребува...

ВМРО-ДПМНЕ го осуди инцидентот во Битола и бара да не се злоупотребува за политички цели

ВМРО-ДПМНЕ го осудува инцидентот во кој биле искршени стаклата на објектот на Музејот на албанската азбука во Битола. Од партијата велат дека станува збор за изолиран настан, кој мора да биде осуден од сите „за да се спречи евентуална негова злоупотреба за партиски и за политички цели“.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека негувањето на историјата и на културата на секој народ е суштествено право и особено значаен елемент на едно мултикултурно општество какво што е македонското“, стои во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овој инцидент е „обид на одредени сценаристи да предизвикаат дефокусирање од актуелните политички случувања во државата“ и ги повикуваат надлежните органи побргу да го расветлат случајот и виновниците да бидат санкционирани.

„Апелираме медиумите да не го користат овој настан и да не потпаѓаат под манипулациите, кои некој се обидува да ги предизвика во јавноста, бидејќи токму тоа е целта на оваа структура, која и во минатото се обидувала на одредени инциденти да им придаде политичка конотација“, повикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.