Подглавна секција Видеа од Австралија и Канада злоупотребени за градење анти-ЕУ наратив

Видеа од Австралија и Канада злоупотребени за градење анти-ЕУ наратив

Не постои ниту приближна иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело, пишува Вистиномер

Фото: Принтскрин, објави на Фејсбук

Двете видеа кои се споделени во објавата што ја рецензираме се снимени далеку од Европа, поточно во Австралија и во Канада. Не постои ниту приближна иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело, пишува Вистиномер

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат два видеоматеријали и пишува:

Педофилска ЕУ која вие многу ја сакате, сакајте ја.

На првото видео се гледа група необично облечени луѓе кои чекаат воз, откако ќе дојде возот влегуваат во него и тоа е крајот на клипот. На екранот е испишано „Еве ви ја Европа”.

Но, како што пишуваат проверувачите на факти на Раскринкавање, видеото е снимено во Сиднеј, Австралија, а оние кои го споделуваат не провериле баш добро дека возот не е снимен во Европа.

Иако со сигурност не е возможно да се утврди на каква забава биле луѓето на снимката, можно е да се дојде до податоци дека сигурно видеото е снимено некаде во Сиднеј. Додека жолтиот воз пристигнува на станицата може да се види бројот D6349. На Јутјуб има снимка во која се тврди дека некој патува во воз со истиот број, а во името на клипот пишува дека станува збор за возење до аеродромот во Сиднеј. Станува збор за тип на воз Waratah кој е ист со оној од официјалниот сајт за транспорт на Нов Јужен Велс, пишуваат проверувачите на факти на Раскринкавање.

Уште еден доказ дека се работи за видео од Сиднеј е тоа што на снимката на жолтиот воз може да се види написот „Sidney trains”.

Второто видео, пак, е снимено во Канада. На 5 јуни 2023 година сајтот Блејз објавува дека основно училиште во Канада одржало настан каде се појавиле наставници со знамиња во боите на виножитото. Дека станува збор за истото училиште од второто видео во објавата што ја рецензираме, сведочат деталите од елементите при влезната врата после големото виножито кои се во сина боја. Училиштето во Канада испрати порака за инклузија и недискриминација откако на социјалните мрежи беше мета на огромни критики за поддршката кон ЛГБТ заедницата. 

Дополнително, не е точно дека ЕУ е педофилска, како што се наведува во објавата што ја рецензираме, со оглед на тоа што педофилијата во сите држави на Европската Унија е кривично дело. Не постои ниту приближна иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело. Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата и против детска порнографија, е само еден документ кој ја претставува непоколебливата борба на ЕУ против криминалот со педофилијата.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека видеата споделени со цел да се дискредитира и да се оцрни Европа и ЕУ, се снимени далеку од Европа, поточно во Австралија и во Канада.