Македонија В недела, шести Марш на толеранцијата во Скопје

В недела, шести Марш на толеранцијата во Скопје

Марш на толеранција

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и „Цивил“ – Центар за слобода се организатори на шестиот Марш на толеранцијата, кој ќе се одржи в недела, со почеток во 5 минути до 12 часот, пред Музеј на град Скопје.

– Апелираме до надлежните државни органи, организации, институции и општински и општествени актери да се откажат од досегашните политики и практики и да преземат итни мерки за справување со дискриминацијата и со кршењето на човековите права и слободи во земјава. Го повикуваме Јавниот обвинител Зврлевски конечно да се запознае со делата сторени од омраза и да ја врши работата во согласност со надлежностите пропишани во закон. Апелираме за толеранција меѓу граѓанките и граѓаните на оваа земја, почитување на различностите и за солидарност како одговор на штетните политики на структурите на моќта. Толеранцијата е патот кој води до еднаквост, слобода и до правда – изјавија организаторите.

Учесниците на маршот ќе се движат од Музеј на град Скопје, преку улица Македонија, улица 11 Октомври, Влада на РМ, Мост Гоце Делчев, до платото пред Универзитетот на ЈИЕ, односно поранешна Стоковна куќа „Мост“, кадешто ќе се одржи сценски и диџејски настап.