Македонија Утврден идентитетот на изгорената жена во Градски парк

Утврден идентитетот на изгорената жена во Градски парк

Министерството за внатрешни работи (МВР) извршило идентификација и го утврдило идентитетот на жената, чие изгорено тело вчера попладне беше пронајдено во Градски парк во Скопје, соопшти Јавното обвинителство.

Станува збор за 45-годишна скопјанка со иницијали Р.С.

Како што информираат оттаму, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје вчера извршил увид на местото каде било пронајдено безживотното тело и бил подигнат доказен материјал, за кој била издадена наредба за крим-техничко вештачење и за обдукција.

„Јавниот обвинител изврши и разговор со едно лице кое било сведок на настанот. Сведокот го слушнал пискотот на сега починатата во моментот додека горела и повикал екипа на Брза помош, со која комуницирала до нејзиното доаѓање на местото на настанот“, стои во соопштението на Јавното обвинителство, во кое се додава дека се работи на утврдување на причините за настанот.