Македонија Утре „Метаморфозис“ ќе ја одржи конференцијата „Е-општество“

Утре „Метаморфозис“ ќе ја одржи конференцијата „Е-општество“

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ утре, по 13. пат, ќе ја организира меѓународната конференција „Е-општество“, која оваа година ќе биде на тема „Слобода и приватност“, со особен фокус на реформите во областа на медиумите.

Конференцијата ќе се одржи во хотелот „Холидеј ин“, со почеток од 10 часот.

На настанот, во четири одделни сесии ќе дебатираат и ќе дискутираат дваесетмина претставници на институциите, медиумските организации и на граѓанскиот сектор, со крајна цел – да придонесат за зајакнување на јавната свест за реформските приоритети и за предизвиците во медиумската сфера.

Според извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, „Е-општество“ е конференција која е замислена како заеднички простор за вмрежување и за споделување искуства, но и можност за информативна јавна дебата, како основен услов за меѓусебна комуникација помеѓу носителите на одлуки, невладините организации и медиумите.

– На крајот, конференцијата ќе остави можност за креирање коалиција на граѓански организации и на медиуми за надзор и за застапување на исполнувањето на реформите – вели Јашари.