Македонија Украински деца заробени од Русија вратени на родителите во Украина

Украински деца заробени од Русија вратени на родителите во Украина

Кијив. Фото: ukrinform.net

Група од 31 украински деца се вратија во Украина и се обединија со своите семејства, неколку месеци откако беа одземени од нивните родители и однесени на териториите окупирани од Русија. Како што јавува Си-Ен-Ен децата пристигнале во Киев со автобус во саботата, каде што се сретнале со своите семејства. Децата сведочат дека заминале на летен камп на две недели, но таму останале заглавени шест месеци.

„Плачев кога ја видов мајка ми од автобусот. Многу сум среќен што се враќам“, изјавил тринаесетгодишниот Богдан.

Враќањето на децата беше координирано од хуманитарната организација Save Ukraine, која информира дека досега завршила пет мисии за враќање украински деца, за кои велат дека се насилно депортирани од страна на Русија.

„Благодарение на нашата заедничка и координирана работа, по долга разделба, децата повтпрно трчаат низ нивната родна земја во прегратките на нивните семејства. Кога ќе видите солзи радосници на лицата на младите Украинци, сфаќате дека не е сè залудно“, рече основачот на Save Ukraine, Микола Кулеба.

Кулеба рече дека мисијата се состоела од група од 13 мајки, кои ја напуштиле Украина пред нешто повеќе од една недела, а многу од нив добиле полномошно што им овозможило да земат деца и на други родители покрај нивните. Групата патувала преку Полска, Белорусија и  Русија пред да влезе во окупираниот Крим, каде што била обединета со 24 од децата. Другите седум деца беа земени во Воронеж, Ростов и Белгород.

Шефот на канцеларијата на претседателот Зеленски неодамна процени дека вкупниот број на насилно одземени деца од нивните домови е најмалку 20.000, како и дека за илјадници случаи веќе се води истрага.

Русија, од своја страна, негираше дека прави нешто незаконско, тврдејќи дека ги носи украинските деца на безбедно.