Македонија „Цивил“: Самоволие и незаконско постапување на власта со притворените студенти

„Цивил“: Самоволие и незаконско постапување на власта со притворените студенти

„Полицијата им ги одзеде мобилните телефони на уапсените и на приведените во текот на полициските акции против демонстрантите од 5 мај наваму. Само им било кажано дека тие телефони ќе одат на вештачење. Ни по 22 дена, нема објаснување за оваа постапка на полицијата“, реагираат од „Цивил“.

„Ваквото однесување е спротивно на Законот за кривична постапка. Незаконското однесување на властите особено се гледа во одредбата за определување вештачење од ЗКП. Во став 1 од оваа одредба на ЗКП, се пропишува дека вештачење се определува кога за утврдување или оцена на некој важен факт, треба да се прибави наод и мислење од лице кое располага со потребното стручно знаење и дека вештачењето по правило го вршат вештаци запишани во регистарот на вештаци. Понатаму, во став 2 од истата одредба, јасно се наведува дека вештачењето се определува со писмена наредба. Ниеден од приведените не добил писмена наредба за одземање на мобилните телефони. Особено е важен ставот 3 од законската одредба за вештачење во кој се одредува дека во текот на претходната постапка наредбата ја донесува јавниот обвинител, а на главната расправа судот во согласност со членот 394 став (2) од овој закон. Во став 4 се пропишува и обврската дека во наредбата ќе се наведе во однос на кои факти се врши вештачење и кому му се доверува“, стои во соопштението.

„Цивил“ протестира поради самоволието и незаконското постапување на полицијата и бара јавното обвинителство да се изјасни дали обвинител издал наредба за вештачење.

„Доколку постои таква наредба, бараме властите да се изјаснат под кои околности се донела таква наредба, што е законска обврска“, заклучуваат од „Цивил“.