Економија Царинската управа лани наплатила 63.064 милиони денари

Царинската управа лани наплатила 63.064 милиони денари

Законски измени за олеснување и за забрзување на царинските постапки, наплата на финансиски приходи на државата, олеснување на трговијата, одржување на лојалната конкуренција, заштита на здравјето на граѓаните и безбедноста на државата се дел од активностите на Царинската управа за изминатата година.

Директорката Наташа Радеска-Крстевска истакна дека посветено работеле на реализација на економските политики, одржување и на унапредување на конкурентниот економски амбиент, преку постојано предлагање и спроведување мерки за олеснување на трговијата и на транспортот.

– Една од основните функции на Царинска управа е и зачувување на финансиските интереси на државата. Оваа функција продолжи успешно да се реализира и во 2014 година, кога Царинската управа по сите основи наплати вкупно 63.064 милиони денари. Овој износ е за 1,9 отсто повисок од наплатените вкупни приходи во истиот период во 2013 година, кога се наплатени вкупно 61.883 милиони денари – истакна Радеска-Крстевска при презентацијата на годишниот извештај за работата на Царинската управа, по повод денот на управата, 14 април.

Наплатените приходи врз основа на царина во 2014 година изнесуваат 4.222 милиони денари. Овој износ е за 0,8 отсто помал во однос на наплатените приходи врз основа на царина во истиот период во 2013 година, кога се наплатени вкупно 4.255 милиони денари.

Наплатените приходи врз основа на ДДВ при увоз во 2014 година изнесуваат 38.513 милиони денари, што е за 2 проценти повеќе од наплатените приходи врз основа на ДДВ во истиот период во 2013 година, кога се наплатени вкупно 37.741 милиони денари.

На 1 јули, со пристапувањето кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, односно кон НКТ-системот за заеднички транзит, ќе се забрза протекот на стоки преку границите, значително ќе се намалат трошоците и ќе се зголеми конкурентноста на македонските економски оператори.

Царинската управа ќе има помалку документи, со што значително ќе се намали обемот на формалностите што се извршуваат на границите.