Македонија Тошковски: Сè уште не е поднесена кривична против „Конти“, да се внимава...

Тошковски: Сè уште не е поднесена кривична против „Конти“, да се внимава при инвестирањето во пирамидални шеми

„Конти“ (Conti) е апликација преку која нејзините членови наводно зарабовтуваат пари преку гледање промоции на филмови и трејлери. Но, вистината е дека парите доаѓаат од новите членови а завршуваат кај оние што се на врвот на пирамидата, односно што влегле во „шемата“ порано

Фото: Влада на РСМ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски апелираше граѓаните да внимаваат при инвестирањето во потенцијални пирамидални шеми, каква што се смета дека е апликацијата „Конти“. Министерот дополни дека е свесен за случајот со „Конти“, но дека сè уште се нема официјално поднесено кривична пријава за апликацијата.

„Согласно информациите коишто ги добив утринава за овој потенцијален кривично-правен настан, кривична пријава официјално не е поднесена. Но, морам да изразам една огромна загриженост за ваквиот тип на пирамидален, инвестициски, финансиски потенцијален криминал којшто се случува по не знам кој пат во Македонија. Од страна на службите бев информиран дека многу слична апликација за измама на граѓани била констатирана и во 2022 година“, рече Тошковски, одговорајќи на новинарско прашање за „Конти“ на прес-конференција по повод 100 дена нова Влада.

„Конти“ (Conti) е апликација преку која нејзините членови наводно заработуваат пари преку гледање промоции на филмови и трејлери. Но, вистината е дека парите доаѓаат од новите членови а завршуваат кај оние што се на врвот на пирамидата, односно што влегле во „шемата“ порано. Вчера почна да се зборува за апликацијата по социјалните мрежи откако загасна група на „Телеграм со околу 14.000 македонски членови на „Конти“. Корисниците во групата се жалеле дека веќе немале нови приливи од „Бајненс“ (Binance) – платформа за тргување со криптовалути.

Министерот апелираше граѓаните да внимаваат при инвестирањето во вакви потенцијални пирамидални шеми, да се консултираат со експерти од областа и да се обратат до Министерството за внатрешни работи (МВР), каде има експерти кои би можеле да им дадат на граѓаните процена за тоа дали станува збор за пирамидална шема.

„Сите оние коишто учествувале како жртви во овој потенцијален кривично-правен настан ги повикувам да обратат до МВР, со цел да можеме да го истражиме соодветно и да постапиме согласно нашата дејност“, апелираше министерот за внатрешни работи.

Мета.мк утринава објави детална сторија со изјави од корисник на „Конти“ за тоа како функционира апликацијата и кој стои зад неа. Прочитајте ја во продолжение.

Лесна заработка, тешки последици – како функционира онлајн пирамидалната шема „Конти“?