Македонија „Ти-мобајл“ потврдува, „Вип“ демантира дека имало прекин во мобилната мрежа

„Ти-мобајл“ потврдува, „Вип“ демантира дека имало прекин во мобилната мрежа

„Ти-мобајл Македонија“ ја информира јавноста дека на 10 декември 2014 година, поради технички проблем дојде до краток прекин на сите услуги во мобилната мрежа во периодот од 12:35 до 12:50 часот, информираат од компанијата по ракцијата на граѓаните дека денеска извесно време немаа мрежа на своите мобилни телефони.

„Прекинот на услугите го почувствуваа корисниците на цела територија на Скопје и поголем дел од територијата на Република Македонија. Говорните услуги се во целоснa функција, додека мобилниот интернет сè уште работи со одредени тешкотии на територијата на Република Македонија и нашите стручни тимови работат на негово нормализирање во најскоро време. „Ти-мобајл Македонија“ се извинува за настанатите пречки и, како и секогаш, максимално брзо и ефикасно ќе реагира во сите ситуации за непречено користење на услугите кон граѓаните“, стои во соопштението од „Ти-мобајл“.

По написот за прекин на мобилната мрежа до новинската aгенција „Мета“ стигна реакција и од „Вип“.

„На Вашиот портал е објавена информација: Проблеми со мрежите на „Ти-мобајл“ и на „Вип“. Со оглед на фактот што мрежата на „Вип“ беше функционална, односно во периодот од 12:35 до 12:49 часот заради проблеми од страната на „Ти-Мобајл“ и „Телеком“, корисниците на „Вип-оператор“ не можеа да воспостават повици само кон овие броеви, а сообраќајот во мрежата на „Вип“ и кон другите оператори се одвиваше редовно“, се вели во реакцијата.