Економија Тевдовски: Подготвени се законски измени за намалување на царинските глоби

Тевдовски: Подготвени се законски измени за намалување на царинските глоби

Релаксирање на казнената политика и намалување на казните кај Царината, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на одбележувањето на Денот на Царинската управа.

– Во координација со Царинската управа се изврши сеопфатна анализа на казнената политика и се изготвија предлози за намалување на глобите, односно за нивно изрекување соодветно на тежината на сторениот прекршок – истакна министерот Тевдовски.

Тевдовски, на одбележувањето на Денот на Царината, истакна дека се спроведуваат повеќе проекти за олеснување и подобрување на трговската размена преку граничните премини.

– Во унапредувањето на трговската размена од големо значење ќе бидат и активностите кои се преземаат за спојување на граничните премини со дел од соседните земји (Србија, Албанија и Косово). Концептот со едно застанување, на еден граничен премин, да се поминат граничните контроли во двете земји значително ќе ја забрза и олесни стоковата размена. Идејата за единствен граничен премин ќе придонесе за унапредување на регионалната соработка, ќе го направи регионот поконкурентно место за стопанисување и ќе влијае на трговскиот пораст – рече Тевдовски.

Како што посочи министерот за финансии преку ИПА-фондовите се модернизираат и граничните премини Табановце и Ќафасан, што ќе ја олесни стоковата разман и транспортот на коридоритте 8 и 10.

– Модернизираниот граничен премин Табановце се очекува да се пушти во употреба во наредните неколку месеци. Кон крајот на 2018 година се очекува да заврши и проектот за реконструкција на објектите за царинење и инспекција на граничниот премин Ќафасан, исто така финансиран од ИПА фондовите. Со реконструкцијата на преминот, долж Коридорот 8 се создаваат услови за натамошно забрзување на прекуграничниот промет – рече Тевдовски.