Економија Тевдовски: Државната помош за малите претпријатија е 20 милиони евра

Тевдовски: Државната помош за малите претпријатија е 20 милиони евра

Третиот столб во „Визијата за Македонија“ на опозицискиот СДСМ, предвидува развој на домашните капацитети и пристојна работа, беше истакнато на прес-конференцијата на претседателот на комисијата за економија, Драган Тевдовски.

Нивна примарна цел е, како што рече, развој на малите и на средните претпријатија, бидејќи сметаат дека странските инвестиции се дополнување на домашните, а не нивна замена.

– Државна поддршка за домашните претпријатија речиси не постои. Власта домашните претпријатија ги користи само за полнење на буџетот преку даноци и казни. Годишната државна поддршка за малите и за средните претпријатија е во износ од 20 милиона евра во првата година (100 пати повеќе од просекот за време на актуелната власт). Планот е поддршката да достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства се дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од ЕИБ – изјави Тевдовски.

Се предвидува и докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот за поголема кредитна поддршка и за способност за реализација на гарантна шема.

– Во поглед на деловната клима, водиме политика на оттргнување на политичарите од економијата и од економскиот живот. Обезбедуваме предвидливост на законите и ставиме крај на нестабилноста со постојано менување закони. Инспекциските служби не се инструмент за репресија и за политички притисоци. Ги запираме огромните задолжувања на граѓаните со огромни извршителски трошоци и плафонските затезни камати. На оваа материја особено обрнуваме внимание да ја уредиме како што е најбезболно за граѓаните – истакна Тевдовски на прес-конференцијата.