Свет Европа Тагарев: Руски бродови шетаат низ бугарската зона во Црното Море, постои ризик...

Тагарев: Руски бродови шетаат низ бугарската зона во Црното Море, постои ризик од инцидент

Русија повеќе од два месеца блокира голем дел од бугарската економска зона поради воени вежби. Минатиот месец, руски воен брод испукал предупредувачки истрел кон товарен брод под знамето на Палау во Црното Море

Министерство за одбрана на Република Бугарија, CC BY-SA 2.5 , via Wikimedia Commons

Во Црното Море постои опасност од несреќи поради руските провокации кон трговските бродови, предупреди бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев, а пренесе mediapool.bg.

Според него, Русија користи фиктивни воени вежби за да го блокира извозот на украинско жито, што исто така претставува ризик за безбедноста на Бугарија.

„Знаете дека руски бродови шетаат околу нашата ексклузивна економска зона, преземајќи провокативни дејствија против трговски бродови на други земји. Сето тоа претставува ризик за нашата безбедност“, изјави министерот за одбрана на Бугарија.

Русија повеќе од два месеца блокира голем дел од бугарската економска зона поради воени вежби. Минатиот месец, руски воен брод испукал предупредувачки истрел кон товарен брод под знамето на Палау во Црното Море.

На руските провокации во Црното Море предупреди и Романија.

Тагарев рече дека Бугарија ја осигурува својата безбедност кога ѝ помага на Украина. Тој ги отфрли критиките на неговиот претходник Димитар Стојанов, кој во моментов е секретар за безбедност на бугарскиот претседател Румен Радев, дека Бугарија не треба да ѝ доставува проектили на Украина.

„Во Бугарија има многу луѓе кои се загрижени за безбедноста на Русија. Мислам дека ние треба првенствено да се грижиме за нашата безбедност, делумно да ја обезбедиме со помош на Украина. Во овој конкретен случај, за да ги заштити цивилите од убивање и од уништување на инфраструктурата од страна на Русија, која користи беспилотни летала, балистички и крстосувачки ракети – сè што има на располагање за да нападне и убива цивили. Мислам дека и да помогнеме минимално, вреди“, рече тој.

Владата на бугарскиот премиер Николај Денков и владејачкото мнозинство во парламентот веќе подготвија воена помош за Украина, вклучувајќи оклопни возила кои му биле непотребни на бугарското Министерство за внатрешни работи, како и неисправни противвоздушни ракети Ц-300 и друга муниција.