Свет Балкан Судот за воени злосторства на Косово ќе биде основан во Хаг

Судот за воени злосторства на Косово ќе биде основан во Хаг

Специјалниот суд за воени злосторства на Косово ќе биде основан во Хаг, соопшти денеска холандската влада. Одлуката судот да биде во Хаг е донесена по консултацијата меѓу ЕУ, Косово и холандските власти. Судот ќе се финансира од средства на ЕУ.

Холандската влада истакна дека сведоците би можеле да се чувствуваат загрозено ако судските процеси не се одвиваат во странство. Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на владата, судот треба да почне да работи годинава.

Лани во август, косовскиот парламент со мнозинство гласови го поддржа усвојувањето на измените на уставот, кои овозможија формирање на специјален суд за злосторства на Ослободителната војска на Косово.

Судот во Хаг ќе биде сместен во поранешната зграда на Европската полициска агенција.