Македонија Судот в среда ќе одлучува за мерките против четворицата осомничени во „Тврдина“

Судот в среда ќе одлучува за мерките против четворицата осомничени во „Тврдина“

Кривичниот суд следната недела ќе одлучува за барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да им бидат одредени мерки на претпазливост на четворица од осомничените во случајот „Тврдина“, меѓу кои е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Од судот за „Мета“ потврдуваат дека е испратена покана до Специјалното обвинителство да ги образложи пред судија на претходна постапка причините поради кои предлага мерки за претпазливост, но, оттаму не можеа да прецизираат кој ден точно ќе се разгледуваат барањата.

Весникот „Дневник“ објави дека судијата на претходна постапка одлуката за мерките на претпазливост ќе ја донесе в среда, 6 април.

За второосомничениот, за четвртоосомничениот и за петтоосомничениот во „Тврдина“ е предложена мерка за забрана на напуштање на место на живеалиште и престојувалиште, одземање на патната исправа и обврска да се јавуваат во судот, како и забрана за вршење определени работни активности кои се поврзани со извршување на кривичното дело, бидејќи лицата се сè уште во работен однос.

За третоосомничената, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е побарано да ѝ бидат изречени мерки за претпазливост, одземање на патната исправа, јавување во судот и забрана за напуштање на живеалиштето.