Македонија Судот го одобри обвинението против тројцата лекари за смртта на родилката од...

Судот го одобри обвинението против тројцата лекари за смртта на родилката од Гевгелија

Јавното обвинителство денеска соопшти дека велешкиот суд  го одобрил обвинителниот акт што обвинителството на почетокот на мај го поднесе против анестезиологот и двајцата гинеколози, кои се товарат за смртта на родилката од Гевгелија, која почина на крајот на октомври минатата година, неколку часа по породувањето.

„Обвинението беше поднесено поради нивно несовесно постапување на 22 октомври 2015 година, при породување на пациентка во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, што резултираше со смрт на родилката и на нејзиното новородено. Решението за одобрување на обвинителниот акт е донесено по приговорите поднесени од обвинетите и од нивните бранители“, стои во соопштението на јавното обвинителство.

По спроведената истражаната постапка, Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд Велес поднесе обвинение против Т.В., лекар специјалист – анестезиолог вработен во гевгелиската болница, и В.Ч. и Д.М., лекари специјалисти по гинекологија и акушерство, вработени во во болницата.

Анестезиологот Т.В., како што соопшти претходно обвинителството, како и неговиот сега покоен колега, кого тој го повикал на помош, при изведувањето на царскиот рез биле во алкохолизирана состојба.

Тие, според обвинителството, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето.

Обвинителството ја запре истражната постапка против четвртоосомниченото лице, кое почина во меѓувреме.