Видео Студентите од автономната зона се пошегуваа во емисијата „Јади бурек“

Студентите од автономната зона се пошегуваа во емисијата „Јади бурек“

Студентите кои одлучија да преспијат во автономната зона на Филолошки факултет, вечерва се пошегуваа на сметка на водителот Јанко Илковски. Пленумци преку „скајп“ се вклучија директно во емисијата „Јади бурек“ на телевизијата „Сител“.

Разговорот го почна студентот кој се претстави како Ѓорѓи. Тој му се пожали на Јанко дека не може нормално да оди на настава на факултет. По краткиот разговор во кој студентот зборуваше дека е револтиран од окупацијата на факултетот, му рече на водителот на емисијата дека има поздрав за него. Во тој момент се појавија стотици студенти кои извикуваа „автономија“.

Денеска е првата вечер од прогласената автономна зона на Филолошкиот факултет, каде ноќта ќе ја поминат околу стотина студенти. Тие преку нивната страница на социјалната мрежа „Фејсбук“ им се заблагодарија на граѓаните што ги поддржуваат.

– Драги колеги, студенти и професори, пријатели, родители, драго граѓанство. Благодариме за Вашата отвореност кон повиците на „Студентски пленум“ за донирање на потребни средства при престојот на Филозофскиот/Филолошкиот факултет. Вие нè плените со Вашата солидарност, ние Ве плениме со нашата борба! Заедно сме посилни – напишаа пленумци.