Македонија Неколку стотици граѓани на протестот на „Тврдокорни“ во Скопје

Неколку стотици граѓани на протестот на „Тврдокорни“ во Скопје

Неколку стотици граѓани, претежно млади, вечерва беа дел од протестниот марш организиран од „Тврдокорни“, иницијатива што се заложи против, како што рекоа, „обидот на политичарите да ја поделат Македонија и да воведат уште еден јазик“.

Маршот почна од Соборниот храм, од каде поворката тргна со извици „Македонија, Македонија“, а заврши во паркот Жена-борец, каде учесниците извикуваа „Еден јазик сакам ја, нејќам три, нејќам два“.

На крајот на маршот, од иницијативата порачаа дека тука се поради „молкот на оние што се сметаат дека се најголеми, молкот по една отворена агресија напишана во Тирана и Приштина, агресија што нашите две партии ја премолчеа“.

Маршот заврши со положување цвеќе пред споменикот на бранителите и со едноминутен молк за загинатите во конфликтот во 2001 година.