Економија Стојановски: Целта на буџетот е да се купи глас повеќе за предвремените...

Стојановски: Целта на буџетот е да се купи глас повеќе за предвремените избори

На денешната седница во Собранието, на која продолжи расправата за дополнителниот предлог-буџет, владејачката партија ја обвини опозицијата дека создала вештачка политичка криза, која е причина за послабите проекции за економијата.

Но, и покрај тоа, како што порача пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, се најавуваат нови странски инвестиции.

– Буџетот за 2016 година е комбинација на развојна и на социјална компонента. Капиталните инвестиции изнесуваат 25 милијарди денари. Социјалната компонента е изразена во низа социјални трансефри за 2016 година. Буџетот за труд и за социјална политика е рекордни 38 милијарди денари, а во 2005 година бил само 147 милиони денари. Ќе има зголемување на социјалната и на паричната помош за 5 проценти. Повеќе од 29 милиони денари се наменети за социјална парична помош и повеќе од 8 милиони денари за постојана парична помош – истакна Ласовска.

Според пратеникот на СДСМ, Благоја Стојановски, целта на буџетот е да се купи глас повеќе за предвремените парламентарни избори.

– Дали знаете дека со последната еврообврзница со 500 милиони евра, јавниот долг ќе биде 50 проценти од БДП. Со овој буџет и со задолжувањата во 2016 година, јавниот долг ќе биде 60 проценти од БДП, што е максимум задолжување за една нормална држава – вели Стојановски.

Пратеничката Милева Ѓоргиева посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ е голема колку платите на државната и на јавната администрација, со што се доведува во прашање исплатата на идните пензии.

– Ако 63 милиони евра кои се дадоа за административни згради се дадоа на 70.000 претпријатија, секое од нив ќе добиеше по 9.000 евра со што ќе имаше реални вработувања и економски пораст. Повеќе од 20.000 претпријатија се затворени и не можат да работат со блокирани сметки – истакна Ѓоргиева.