Економија Ставрески: Русија е еден од најважните економски и политички партнери

Ставрески: Русија е еден од најважните економски и политички партнери

Русија останува еден од најзначајните политички и економски партнери на Македонија, но сè уште има простор за унапредување на стопанската соработка. Извозот континуирано се зголемува, но не со посакуваното темпо, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј на Македонско-руската стопанска комора.

Во насока на интензивирање на економските односи, нагласи Ставрески, покрената е иницијатива за преференцијален третман, односно за намалени царински стапки при извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи, а останува и барањето за потпишување договор за слободна трговија меѓу двете земји.

– Со 144 милиони потрошувачи, рускиот пазар е голем предизвик за македонските компании. Минатата година трговската размена достигна 138 милиони евра, од кои 32 милиона се извоз од македонска страна, а 106 милиони се увоз од Русија. Трговската размена во 2014 година беше само 1,5 процент од вкупната трговска размена на Македонија – истакна Ставрески.