Економија „Старо донеси, ново однеси“, еко-кампања за замена на неисправни за нови апарати

„Старо донеси, ново однеси“, еко-кампања за замена на неисправни за нови апарати

„Старо донеси, ново однеси“ гласи мотото на новата едномесечна кампања на „Техномаркет“ и на Друштвото за управување со електронски отпад, отпадни батерии и акумулатори „Нула отпад“, преку која ќе се даваат вредносни ваучери за старите, нефункционални електронски и електрични апарати од домаќинствата.

Кампањата е во согласност со Законот за управување со електрична и електронска опрема, според кој, електричниот и електронскиот отпад треба да се складира на соодветни места. Во спротивно, Законот предвидува казни од 60 евра за фрлање електронски отпад на несоодветно место.

„Нашата заедничка цел е да ги стимулираме позитивните вредности и да ги развиваме капацитетите за справување со опасниот отпад од современото технолошко општество. „Нула отпад“ останува отворено за секаков тип соработки што имаат позитивно влијание врз пошироката заедница“, стои во соопштението од Марјанчо Дамески, управител на друштвото „Нула отпад“.

Еко-кампањата „Старо донеси, ново однеси“ е прва соработка меѓу најголемиот синџир продавници за бела техника, апарати за домаќинство и за ИТ-производи и Друштвото за управување со електронски отпад, отпадни батерии и акумулатори.