Македонија Средношколците со писмо до Пешевски и до МОН: Сега знаеме како не...

Средношколците со писмо до Пешевски и до МОН: Сега знаеме како не треба

Средношколците кои протестираат во паркот пред Министерството за образование и наука (МОН) со писмо се обратија до вицепремиерот Владимир Пешевски и до МОН, откако на последната средба во четвртокот оваа недела биле изложени на арогантен и игнорантски однос од владините функционери, пренесува „Радио МОФ“.

„Ја жртвуваме сопствената иднина за да го подобриме образованието. Го жртвуваме сопственото спокојство за добробит на сите сегашни и идни средношколци. Наместо во училишните клупи и во своите топли домови, деновите и студените ноќи ги минуваме во шатори. Се арчиме за иднината на образованието и немаме намера да застанеме! Визијата за образовен систем базиран на слобода, добрина, правда и на љубов е нашиот основен двигател и воедно извор на нашата истрајност. Нашата кауза е чиста, нашата цел алтруистичка и добронамерна. Во неа нема апсолутно никаков простор за политички партии! Сега откако ја сфаќате нашата сериозност и тежина, но одбивате да ги признаете, проблемите со кои ние средношколците се соочуваме ги девалвирате и ги сведувате на лично индивидуално ниво. Згора на тоа, тврдите и дека знаете кој нè праќа. Господине Пешевски, Ве прашуваме каде бевте сите изминати средношколски маршеви кои првпат во историјата се случуваа низ целата држава за да видите кој нè праќа?!“, стои во писмото на средношколците.

На крајот од писмото се вели: „Деца сме кои ги научија игрите на возрасните. Од сè срце ви благодариме за искуството. Сега знаеме како НЕ треба.“