Македонија Средба на министерот Јолевски со амбасадорот на САД, Бејли

Средба на министерот Јолевски со амбасадорот на САД, Бејли

„Македонија и САД се две пријателски земји со исклучително развиена соработка на полето на одбраната. Оваа соработка претставува несомнена добивка за развојот на двете земји, но и за зацврстувањето на мирот, слободата и на безбедноста во регионот и во светот“, е заклучокот од денешната средба на министерот за одбрана, Зоран Јолевски, и на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во нашата земја, Џес Бејли.

Како што денеска соопшти МО, министерот Јолевски се заблагодарил за поддршката за членство во Алијансата и посочил дека Македонија е подготвена и де јуре да стане полноправен член на НАТО, имајќи го предвид нивото на реформи и интероперабилност, како и фактот дека припадниците на АРМ во континуитет повеќе од една декада даваат придонес во мировните мисии во Авганистан, односно мисијата ИСАФ и новата мисија „Одлучна поддршка“. Во тој контекст, Јолевски додал дека за членството во Алијансата постои политички консензус и поддршка од граѓаните на Република Македонија.

Владата на Република Македонија, посочил министерот Јолевски, е определена да продолжи со реформските зафати бидејќи граѓаните на Република Македонија имаат корист од нив, а тие позитивно влијаат и врз процесите за интеграција во НАТО и во Европска Унија.

Јолевски се осврнал на реформите во одбраната, унапредувањето на стандардот на припадниците на Армијата, развојот на Воената академија и на вниманието што се посветува на развојот на капацитетите и на вештините на секој припадник на АРМ.

Амбасадорот Бејли високо го оценил нивото на одбранбена соработка меѓу двете земји и истакнал дека САД високо го ценат долгогодишниот придонес и поддршка од Република Македонија на активностите и на заложбите на НАТО за воспоставување мир и безбедност во Авганистан.

– Репутацијата на македонските мировници како вистински професионалци со развиени вештини и способности, е добро позната во Вашингтон и кај земјите-членки на Алијансата. Нивните заложби се високо ценети во НАТО – истакнал амбасадорот Бејли, стои во соопштението.

На оваа средба, прва откако амбасадорот Бејли ја презеде функцијата, министерот Јолевски му посакал многу успех и исклучителни резултати како амбасадор на САД во Република Македонија.