Македонија Средба меѓу МАН и БАН

Средба меѓу МАН и БАН

Во Македонската академија на науките и уметностите денеска се одржа состанок на претставниците на Бугарската академија на науките и на Македонската академија на науките и уметностите, предводени од претседателот на БАН, академик Стефан Воденичаров, и од претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски.

На состанокот е разгледан извештајот од досегашната работа на двете академии за 2014 година, при што е констатирано дека тимови на научни работници од двете академии работеа на 33 заеднички проекти со голем ентузијазам и дека проектните задачи се успешно реализирани. Исто така, констатирано е дека, за жал, проектите се остваруваат со минимални финансиски средства, само за покривање на неопходните материјални трошоци.

Раководствата на двете академии изразија целосна благодарност и пофалба за учесниците во проектната соработка и за нивниот ентузијазам и посветеност во работата, која е од интерес не само за академиите и за научните заедници, туку и за македонското и за бугарското општество.

На денешната средба е прифатен и планот за соработка на двете академии за 2015 година, според кој ќе продолжи реализацијата на проектите и заедничкото чествување и одбележување на важни настани што ги поврзуваат двата народа.