Македонија Спасовски со нова телеграма ја дообјаснува претходната

Спасовски со нова телеграма ја дообјаснува претходната

Со нова телеграма, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги информирал вработените во МВР на што се однесува неговиот вчерашен допис со кој престанаа да важат овластувањата од поранешните министри за раководните лица во Министерството.

„Во врска со телеграмата бр.131-60 од 12 ноември 2015 година, со која престануваат да важат овластувањата од министрите за внатрешни работи кои раководеле со Министерството за внатрешни работи до денот на донесување на наведената одлука за избор на членови на Владата на Република Македонија, информирам дека истата се однесува на сите пренесени овластувања, освен овластувањата за донесување решенија, други управни акти и документи во управни работи, овластувањата за прием и за заведување на актите во деловник и во уписник и овластувањата за ракување со печати и со штембили, кои ќе важат до донесување нови решенија за пренесување на предметните овластувања“, се вели во телеграмата.

Телеграмата е упатена до раководителите на сите организациски единици во седиштето на Министерството, Бирото за јавна безбедност, централните полициски служби, сите сектори за внатрешни работи, Управата за безбедност и контраразузнавање и за сите сектори во Управата за безбедност и контраразузнавање на територијата на Република Македонија.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека Спасовски почнал со спроведување политизација на МВР според партиски насоки и оти во одбрана на секоја негова одлука се објавени партиски соопштенија од СДСМ.