Македонија Спасовски: Секој што е професионалец во МВР ќе биде ценет

Спасовски: Секој што е професионалец во МВР ќе биде ценет

Не им престануваат сите надлежности на раководителите во МВР, тука тоа е одлука за пренесување на надлежностите, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска по церемонијата за одбележување на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.

– Тоа е нормална постапка, да видиме во каква позиција влегуваме. Денеска дел од надлежностите ќе бидат вратени на структурите во МВР, така што нормално функционира, нема потреба никој да биде загрижен во министерството. Секој што е професионалец, ќе биде ценет. Во тој дух ќе биде мојата понатамошна активност – рече Спасовски.

Според него, ова е пренесување на надлежностите, нема кадровски промени засега во МВР.

– Не сум размислувал за промени на нови кадри, влезот е да ја видиме состојбата во министерството, да видиме каква е финасиската состојба, какви се човечките ресурси, па прво да ги видам овие работи, а понатаму со јавноста ќе се споделат сите информации. Професионализацијата во МВР е врвен приоритет, таму има многу луѓе кои се професионалци, благодарение на кои функционира Министерството за внатрешни работи и јас сакам апсолутно да продолжам да работам со сите професионалци во министерството – изјави Спасовски.

За обвинувањата за луксузни возила, Спасовски кажа дека не станува збор за никакви возила, туку за возило кое според законот е ставено на располагање на новиот министер.