Македонија Совет за етика: Повелбата ја потпишаа, но не ја почитуваат сите медиуми

Совет за етика: Повелбата ја потпишаа, но не ја почитуваат сите медиуми

Повелбата за етичко известување за изборите ја потпишале повеќе од 90 медиуми, но еден дел од нив и понатаму не се придржуваат до принципите на професионално, објективно, точно, избалансирано и непристрасно известување, соопштија денеска од Советот за етика во медиумите.

Пристигнатите жалби до Советот за одредени медиуми, како и анализата на Институтот за комуникациски студии укажуваат дека дел од медиумите и од новинарите продолжуваат да се ставаат во служба на политички и на други центри на моќ, отфрлајќи ги новинарските правила.

– Изразивме надеж дека потписите на Повелбата нема да останат мртво слово на хартија, но за помалку од еден месец Советот за етика прими повеќе од 20 жалби против некои медиуми и национални телевизии – рече Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби.

Во 11 случаи станува збор за неточно, нефер известување, нарушување на приватноста и за клевети, во шест случаи за нефер и неточно информирање.

– Очекувавме сите да водат грижа за принципите на новинарството, да прават дистинкција меѓу информации и коментари, да се почитува принципот на професионална солидарност и медиумите да не се расправаат меѓу себе – рече тој.

Во изминатиот период до Советот не се испратени жалби за говор на омраза, но тоа не значи и дека го нема.