Македонија Сообраќајот и понатаму во зимски услови, забрани за тешки возила на неколку...

Сообраќајот и понатаму во зимски услови, забрани за тешки возила на неколку патишта

Забрани за сообраќај на тешки товарни возила има на патните правци Маврово – Дебар, Кочани – Делчево – граничен премин Делчево и Берово – Виница – Кочани, а за другите возила задолжително е користење на зимска опрема, соопшти утрово Автомото-сојузот на Македонија.

Оттаму информираат дека забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец од Дојранска раскрсница – Дојран од 8 часот утрово е укината.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на места со остатоци од снег на коловозот, по интервенција на дежурните екипи од „Македонија пат“. Поради ниска температура, на места е можна појава на голомразица.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од земјава (оваа информација се однесува само за македонската страна на премините).

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.