Македонија СОНК: Ако до крајот на годината не се најде решение, ќе штрајкуваме

СОНК: Ако до крајот на годината не се најде решение, ќе штрајкуваме

СОНК ќе ја активира одлуката за генерален штрајк во образованието и во културата ако до крајот на оваа календарска година не се најдат конкретни решенија, рече на денешната прес-конференција претседателот Јаким Неделков.

– Од 1 до 18 јануари, кога е период на зимски распуст на учениците, уште во првата недела Советот на СОНК ќе има седница, на која детално ќе разговара за резултатите од преговорите и ќе донесе одлука. Нашиот став е многу јасен: доколку до 31 декември СОНК по пат на преговори не дојде до задоволителни резултати, тогаш ќе се активира одлуката за штрајк, која е ставена во мирување – рече Неделков.

Тој рече дека и по три месеци преговарање, немале ниту една средба со Министерството за култура, со Министерството за труд и социјална политика оставриле неколку средби, а најинтензивно течеле преговорите со Министерството за образование и наука.

Тој појасни дека некои барања на почетокот биле отфрлени како предмет на преговори, како што е барањето за корекција на платите во основното и во средното образование.

Според него, нема конкретни одговори ниту за прашањето за вреднувањето, односно наградувањето и казнувањето на наставниците по пат на екстерни тестови.

Во врска со екстерното оценување, Неделков рече дека не е спорно кога се користи како алатка за потврдување на квалитетот на образованието, а такви примери има во голем број земји. Спорно, според него, е дека нема земја каде тоа оценување е поврзано со платите на наставниците, односно со нивно казнување.