Македонија Собранието ги донесе измените на Законот за заштита на укажувачи

Собранието ги донесе измените на Законот за заштита на укажувачи

По изборот на тројцата потпретседатели на Собранието, пратениците го донесоа предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи за кого гласаа 62 пратеници.

Претходно пратениците ратификуваа четири договори – Законот за ратификација на измените и дополнувањата на Конвенцијата за меѓународен железнички превоз (КОТИФ) од 9 мај 1980 година содржана во Протоколот од 3 јуни 1999 година (Протокол донесен во Вилнус), Законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на туризмот, Законот за ратификација на Договорот за воена финансиска соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција и Договорот меѓу Македонската Влада и Израелската Влада за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход.

За Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител гласаа 62 пратеници и 22 пратеници од немнозинските заедници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, рече дека по Предлог законот за дополнување на Законот за судовите нема да се расправа и гласа на оваа седница затоа што тој е системски закон кој се носи со двотретинско мнозинство.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираат пленарните седници на Собранието и не беа присутни на денешната седница.