Култура Снимен македонски филм за деца

Снимен македонски филм за деца

Во периодот од 26 јуни до 3 јули годинава, на падините на планината Китка и на неколку други локации се снимаше македонската филмска авантура за деца под името „Потрага по загубеното богатство“.

Овој филм е според сценарио и режија на м-р Кузман Кузмановски, а во продукција на „Аурипигмент продукција“ од Скопје и на Детскиот креативен центар „Тинтири минтири“.

Главните улоги во филмот ги толкуваат актерите Билјана Јовановска и Владо Дојчиновски, како и десет деца членови на „Тинтири минтири“ од цела Македонија. Директор на фотографија е снимателот Кирил Шентевски.

– За седум денови интензивно снимање, успеавме да завршиме. Морам да нагласам дека децата актери во овој филм заслужуваат пофалба бидејќи за нив ова е голем напор, како физички, така и ментален и тие дадоа сè од себе. Практично го дадоа својот максимум. Мислам дека снимивме одличен материјал и дека филмот ќе биде многу интересен за сите деца – вели Кузмановски.

Филмот кој летово се снимаше според жанрот е авантура и комедија.

Снимањето беше организирано во рамки на филмскот камп за деца во село Градовце, општина Зелениково.