Главна секција Случајот во с. Галате ги подгрева етничките тензии, премиерот предупреди на нови...

Случајот во с. Галате ги подгрева етничките тензии, премиерот предупреди на нови инциденти

Премиерот ги обвини структурите на општина Врапчиште и ОВР Гостивар сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација. Алијанса за Албанците го обвинија ВМРО-ДПМНЕ за истото

Христијан Мицкоски | Фото: Влада на РСМ

Претседателот на владата Христијан Мицкоски денеска ги коментираше настаните околу црквата Св. Петка во гостиварското село Галате предупредувајќи дека во иднина „ќе има уште вакви инциденти“.

Вчера, медиумите пренесоа дека на 09.09 биле пратени полиција и обвинител да приведат лица кои се обидувале да ја исчистат и реновираат црквата во близина на селото Галате. Јавното обвинителство демантираше дека јавен обвинител издал наредба за апсење.

Дополнително, вчеравечер неколкумина протестираа пред општината Врапчиште. Десеттина луѓе влегле во зградата, а откако одбиле да излезат, двајца од присутните биле приведени. Истите биле пуштени од полициската станица по неколку часа.

Иако премиерот во својата изјава апелираше да не се подгреваат меѓуетничките и меѓурелигиозните тензии, неговиот коментар се чини дека не е во целост во насока на смирување на страстите.

„Јас цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта, бидејќи тоа е картата на којашто овие криминалци коишто изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност и така натаму. Ова се такви изолирани инциденти коишто ќе следат. Вие ја слушнавте изјавата и на Владиката. Жителите на село Галате исто така се оградуваат од ваквите инциденти. Но, она што е интересно е што на социјалните медиуми на едно од лицата, излегоа некои слики коишто го гледаат во друштво на политички активни ликови, ако се земе предвид и политичката провениенција и поддршката на градоначалникот во Општина Врапчиште, но и сè уште полициската структура којашто е во ОВР Гостивар, тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор којшто се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација“, изјави премериот одговарајќи на новинарско прашање.

Подоцна во изјавата, Мицкоски прецизира дека зборува за изјава од Гостиварско-полошката епархија, но не прецизира за која изјава станува збор. Мета.мк не можеше да најде релевантна изјава од владиката Јосиф Полошки од изминатото деноноќие која се однесува на овој случај.

Потоа, Мицкоски навлегува во неговото мислење за причините за ваквиот настан, каде најавува дека сака да го смени законот за полиција за да може да се назначуваат раководители кои имаат помалку од пет години искуство на висока позиција.

„И ваков тип на инциденти ќе има и во периодот којшто следи. Зошто? Затоа што не можеме, како Влада, имајќи ги предвид последните измени во Законот за полиција и Законот за работа на Министерството за внатрешни работи, да се случат промените во раководните структури, бидејќи тие се лимитирани на пет години искуство на висока позиција, вие знаете седум години кои беа кај нас во Влада во Македонија, така што ќе мора за следните два-три месеца да се случи измена на тој Закон за да настане измена во тие раководни структури за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата“, изјави премиерот.

Реакција имаше и од Алијанса за Албанците, во која исто така не се наоѓа обид да се смират меѓуетничките тензии.

„Залетот на моноетничката и антиалбанската Влада да засади крстови и цркви во секое населено место, узурпирајќи го јавното земјиште и без потребните дозволи и документација, е една од најопасните облици што им наштетуваат на меѓуетничките односи и предизвикуваат тензии во државата“, стои во соопштението на партијата.

Понатаму во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ е обвинето за мобилизирање на „милитанти“ кои го блокирале објектот на општината.

Повеќе детали за целосната ситуација може да се најдат во соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР) издадено доцна синоќа.

Како што објаснува МВР, иницијалната пријава била отворена од страна на инспектор за урбанизам при општина Врапчиште за бесправна градба на 9 септември, денот кога беше снимено видеото кое кружеше по социјалните мрежи, кога имаше присуство на полициски возила околу црквата. По завршување на увидот, местото било околчено со арматури и трака од страна на градежниот инспектор.

Следниот ден, според МВР, лицето Д.П. придружен од неколку други граѓани, ја отстранил арматурата и траката. Групата со Д.П. се упатила пред општината за да протестираат. Притоа, дел од полициската трака која ја отстраниле, ја залепиле преку влезната врата на општината барајќи градоначалникот Исен Шабани да ги прими на разговор.

МВР вели оти Шабани се согласил ги примил но под услов да тие не го снимаат нивниот разговор. Граѓаните одбиле да направат тоа по што градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле објектот, добиле наредба да го сторат тоа и од полицијата. Според МВР, лицето Д.П. и уште едно лице пружеле отпор по што биле приведени во Полициска станица Гостивар. По извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, биле пуштени да си одат.

„МВР апелира за воздржување од било какви тензии по однос на овој настан. Кое било подгревање на меѓуетнички и меѓурелигиски тензии било на јавен простор или преку социјални медиуми ќе биде предмет на кривично-правен прогон од страна на МВР“, стои во соопштението.

Денеска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ТВ „Телма“ посочи дека Македонската православна црква (МПЦ) немале информации дека ќе се преземаат градежни активности во околината на црквата.

„Сето она што настана, согласно она што го видов, барем на јавно објавените снимки, не е ништо друго туку само еден неуспешен, слободно можам да кажам, обид, за погревање на меѓуетнички тензии“, рече Тошковски за потоа да додаде дека „одредени политички лешинари“ подгреваат, хушкаат и ја извртуваат фактичка состојба во насока на меѓуетнички тензии.

Реагираше и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој посочи дека на Македонија не ѝ се потребни инциденти, особено не во делот на меѓуетничките односи.

„Апсолутно не смееме да се играме со правото на вероисповед“, рече Спасовски. Тој смета дека институциите на системот треба да ги решаваат ваквите прашања, без разлика „дали е тоа МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, локалната власт и централната власт“.

„Преку дијалог мора да се дојде до решение“, рече Спасовски.

Тој, исто така, посочи дека нема оправдување од типот сегашни или поранешни структури.

„Не може во македонската полиција да има сегашни или минати структури, таа треба да им служи на граѓаните“, смета Спасовски.

Обид за создавање меѓуетнички тензии околу случајот со црквата Св. Петка во гостиварско