Македонија Скопје го чествува 13 Ноември, денот на ослободувањето

Скопје го чествува 13 Ноември, денот на ослободувањето

По повод 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, денеска ќе се одржат повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, денеска ќе се сретне со претставници на градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, а делегација на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта во Бутел.

Според програмата, во 11.30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата, високи државни делегации, борци од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, од општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.

Вечерва во Македонската опера и балет, Град Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“, а ќе бидат изложени дела од 11. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2016“. За време на свеченоста ќе настапи хорот „Св. Злата Мегленска“, а потоа ќе биде изведена оперетата „Глорија“.
Во чест на празникот, денеска се организира традиционално искачување на врвот Љуботен, ќе се одржи меѓународен ватерполо-турнир и ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“.

На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и од 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и од 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.