Ctrl - Z Скопје e домаќин на светскиот шампионат во Хип Хоп – Street Dance...

Скопје e домаќин на светскиот шампионат во Хип Хоп – Street Dance Show 2024

Во следните пет дена, во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје 5.000 танчери од целиот свет ќе се натпреваруваат во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“

Фото: IDO World Hip-Hop Championship

Вчера во преполната сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ беше означен почетокот на светскиот шампионат во Хип Хоп IDO World Hip-Hop Championship – Street Dance Show 2024.

Како што соопшти организаторот, ревијалниот дел на сите земји учеснички кои се дел од овогодинешното издание на светскиот шампионат бил крунисан со врвни перформанси и парада на нациите. Оттаму додаваат дека во следните пет дена, ќе се натпреваруваат 5.000 танчери во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“.

„Скопје, со својата богата историја и културна разновидност, денес станува центар на светскиот хип-хоп, каде што учесници од целиот свет се обединуваат преку танц, креативност и заедништво“, рече државниот секретар на Министерството за спорт и туризам, Сашо Огњеновски, кој имаше говор на официјалното отворање.

Потпретседателот за маркетинг и комуникации на интернационалната Танцова Организација (IDO – International Dance Organization), претседател на Македонската танцова федерација и основач на „Брејк а Лег“, Трајче Петковски како организатор на настанот,  ги прогласи сите учесници за победници и им посака добредојде на сите љубители на танцот.