Македонија Сите мерни станици покажуваат многу високо ниво на загаденост

Сите мерни станици покажуваат многу високо ниво на загаденост

Во 18 часот, сите мерни единици низ Македонија покажуваа многу високо ниво на загаденост на воздухот. Во Скопје количеството на ПМ10-честички изнесува 257 микрограми на еден кубен метар, што е повеќе од петпати над дозвелените 50 микрограми.

Голема концентрација со овие честички има во скопските општини Центар, Лисиче, Гази Баба, како и на мерната станица Ректорат. На страницата за мерење на квалитетот на воздухот стои дека инструментот за мерење на ПМ10-честички поставен во станицата Карпош е исклучен поради технички проблеми.

Многу високо загадување на воздухот има и во Миладиновци, Кичево, Тетово, Велес, Кочани и во Кавадарци, каде нивото на ПМ10-честички е над дозволеното. Во Центар и во Карпош е забележано и многу високо ниво на ПМ2,5-честичките, а во Лисиче многу високо ниво на јаглероден моноксид.

Во случај на надминување на прагот од 50 микрограми на еден кубен метар на ПМ10-честички во пет последователни дена, Министереството за животна средина и просторно планирање издава предупредување да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.

Вообичаено, концетрацијата на ПМ10-честички постигнува максимално ниво во вечерните часови, од 22 часот до 1 часот по полноќ.