Македонија Синдикатите сметаат дека сиромаштијата е поголема од кога било

Синдикатите сметаат дека сиромаштијата е поголема од кога било

Со пароли „Колку повеќе политички кујни, толку повеќе гладни“, „До кога политичарите ќе живеат идеално, а работниците криминално“ и извикувајќи „Уа“, „Лопови“, голем број синдикати и организациски членки на Повелбата за солидарност тргнаа на протест за социјална правда и за работнички права во Скопје, објавува радио МОФ.

Тие сметаат дека работничките права се кршат секојдневно, невработените се бришат од евиденција наместо да им се најде работа и класните разлики се највисоки во Европа.

Според организаторите, изминатата година најмногу на удар биле вработените во јавниот сектор, особено во администрацијата, на кои им се наметнале бројни нови правила за полесна контрола и за полесно отпуштање на неподобните. Тие посочуваат дека и хонорарните работници се изложени на осиромашување поради наметнатата обврска да плаќаат придонеси за хонорарите, а на вработените во образованието им е укинато правото да штрајкуваат.

Протестот почна пред споменикот на синдикатите меѓу двете светски војни, продолжи кон Собранието, Министерството за труд и социјална политика и заврши пред Владата.