Дописници Штипските судови целосно го поддржаа штрајкот на судската администрација

Штипските судови целосно го поддржаа штрајкот на судската администрација

Во периодот од 10.30 до 12.30 часот останаа затворени судниците во штипскиот Основен суд и во Апелацискиот суд. Судската администрација одржа предупредувачки штрајк во знак на протест поради, како што истакнуваат, неповолните решенија од Законот за судска служба од 2014 година. Без судската администрација, и судиите ги прекинаа судењата.

– Претпладнето сите од судската администрација, без исклучок, ја прекинаа работата – изјави портпаролот на Основниот суд од Штип, судијата Стојан Михов.

Немало негодувања од странките и од адвокатите, кои биле информирани дека ќе има прекин на работата. Попладнето судовите нормално продолжија да работат.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) реагира на приемот на партиски кадри во редовите на судската администрација и бара посебно регулирање на службата, каде ќе можат да влезат луѓе кои се подготвени да одговорат на потребите на службата. Освен тоа, синдикатот бара судската служба да се регулира како посебна.

В.К.