Економија Шпаркасе банка се претвора во „финансиски супермаркет“

Шпаркасе банка се претвора во „финансиски супермаркет“

Шпаркасе банка Македонија со нејзината подружница „С-лизинг“ денеска објави стратегиско партнерство со „Винер осигурување“ и со „Винер лајф осигурување“.

Ова партнерство ќе придонесе Шпаркасе банка Македонија да се претвори во „финансиски супермаркет“, каде што граѓаните и компаниите ќе можат на едно место да ги добијат сите услуги од банкарското работење, лизингот и од осигурувањето. Новите производи што ќе се пласираат од овие четири финансиски институции ќе се лансираат како платформа ГО4.

– Партнерството што постои помеѓу „Винер“ и „Штаермеркише шпаркасе“, како дел од „Ерсте групација“ на глобално ниво, денеска го промовираме во Македонија. Со ова партнерство на економските субјекти, сакаме на ефикасен и брз начин да им ги понудиме сите финансиски услуги во рамките на мрежата на Шпаркасе банка. Со тоа клиентите на банката ќе заштедат време, ќе добијат најкорисен совет и најдобра комбинација на финансиски производи, што ним најмногу ќе им одговара – изјави Глигор Бишев, претседател на управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија.

Првиот производ што се промовира во рамките на платформата ГО4 е лизинг-пакетот ГО4, вклучувајќи низа поволности за сите заинтересирани клиенти. Пакетот претставува комбинација на поволна лизинг-понуда со каматна стапка од 6,75 проценти, рок на отплата до пет години, финансиран износ без ограничување и поволно каско-осигурување и осигурување од авто-одговорност.

Во рамките на лизинг-пакетот ГО4, корисниците добиваат можност за финансирање и на возила со поголем износ, како и набавка на потребниот возен парк за малите и за средни компании, бидејќи понудата на лизинг-пакетот ГО4 се однесува и на физичките и на правните лица, вклучувајќи ги и корпоративните клиенти на банката, што за нив ќе биде дополнителна предност.