Македонија Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ го откажа учеството во работната група, на Груевски му е...

Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ го откажа учеството во работната група, на Груевски му е побитно да се сонча во Тел Авив

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, соопшти дека од ВМРО-ДПМНЕ, половина час пред закажаната средба, го откажале учеството на работната група што беше задолжена за планирање и за спроведување на европските препораки од извештајот на Прибе.

– Вие бевте сведоци дека на денешниот прв состанок на работната група, која беше задолжена за планирање и за спроведување на европските препораки од извештајот на Прибе, во согласност со договорот од 2 јуни, ВМРО-ДПМНЕ само половина час пред закажаната средба го откажа своето присуство и учество – изјави на денешната прес-конференција Шекеринска.

На новинарско прашање за причините за одложувањето, Шекеринска вели дека добиле неколку контрадикторни одговори.

– Мислам дека нема оправдување за ваквото однесување. Ако велевме дека час поскоро мораме да почнеме да ги реализираме овие обврски, ако велевме дека европската интеграција и членството на Република Македонија во Европската унија е заедничката точка на сите потписници на договорот, денеска беше моментот кога тоа требаше да се покаже на дело. Неприфатливо е цел ден да кажуваме дека министерот за надворешни работи ќе соопштува напредок во Брисел, пред Советот за асоцијација и стабилизација, ќе се пофалиме дека, еве, постигнавме некаков договор, а токму владејачката партија на дваесет минути пред закажаната средба да го сопира, да го крши договореното и, по сè изгледа, да купува време – одговори Шекеринска.

Како што соопшти таа, тема на дебата требало да бидат измени во изборната регулатива и особено прочистувањето на избирачкиот список.

– Значи, две многу многу важни теми. Жалам што оваа дебата денеска очигледно немаше шанси да се одржи. Ако некој сака фер и демократски избори, нема никаква аргументација и потврда да се бега од дебата за избирачкиот список и нема потреба да се бега од дебата за изборната регулатива – изјави Шекеринска.

Таа на денешната прес-конференција истакна дека „за Груевски очигледно е поважно сончањето во Тел Авив, отколку реализација на обврските што ги презеде и тој и сите други, односно договорот на 2 јуни во согласност со извештаите на Европската унија.“