Македонија СЕММ: Медиумите не смеат да се злоупотребуваат за кревање тензија

СЕММ: Медиумите не смеат да се злоупотребуваат за кревање тензија

Советот за етика во медиумите (СЕММ) со голема загриженост реагира на зачестените случаи на злоупотреба на одредени медиуми, особено во контекст на сегашната политичка ситуација, за ширење шпекулации, пропагандизам и невистини, кои би можеле да ги засилат тензиите и да доведат до потенцијални немири во општеството.

Од СЕММ додаваат дека веќе подолго време реагираат на ваквите случаи, но во последните неколку дена тие се зачестени до загрижувачки нивоа.

„Особено загрижувачки е начинот на информирање на медиумите во кои се забележуваат новинарски извештаи со еднострано информирање и информации што ги подгреваат стравувањата за можни немири во општеството, содржејќи повици за мобилизација на граѓаните во служба на одбрана на интересите на определени политички партии“, стои во соопштението од Советот за етика во медиумите.

Оттаму потсетуваат дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување на поединци и на групи за радикално однесување и за постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир, а особено на членот 10 од Кодексот на новинарите кој вели дека „новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“.

„Медиумите мора да го почитуваат Етичкиот кодекс, бидејќи во спротивно последиците од непридржувањето кон неговите одредби би можеле да бидат фатални. Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство“, нагласуваат од Советот.

Оттаму ги повикуваат и другите институции, вклучувајќи ја Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услиги и Јавното обвинителство, да реагираат на ваквиот хушкачки и потпалувачки говор, како и да ги преземат неопходните законски мерки.