Дописници Секретарот на Општината тужи советник во Охрид!

Секретарот на Општината тужи советник во Охрид!

Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, го тужи за навреда и за клевета членот на Градскиот совет Дејан Блажески, кој е и претседател на општинската организација на ЛДП, но и член на највисокото партиско раководство во Скопје.

Димитар Спасески, секретар на општината

Советникот Блажески, преку советничко прашање на седница на Советот на Општината, но и на прес-конференција, го довел секретарот на Општината, Спасески, во врска со сомнителни активности околу подигнувањето на лизгалиштето на централниот градски плоштад Свети Климент Охридски, минатата зима. За ова во Основниот суд во Охрид, за  денеска, е закажано судско рочиште.

Тужениот советник Блажески, кој е економист по професија, ќе мора сам да се брани на процесот бидејќи ниту еден од адвокатите во Охрид не прифаќа да го брани.

– Принуден сум да се бранам сам или да земам адвокат од Скопје –  вели Блажески за охридското „Супер радио“.

Изненаден е,  вели, од откажувањето на  ангажманот на адвокатите.

Дејан Блажески, членот на Градскиот совет и претседател на ОО на ЛДП

–  Во пет минути до 12 часот, бев одбиен од адвокатот со што бев принуден сам да се бранам. За жал, ќе морам да „увезам“ адвокат од Скопје. Нема да се поколебам и покрај понудата на судијата за правно помирување – вели советникот Блажески.