Економија Се зголеми количеството на монетарно злато во државните девизни резерви

Се зголеми количеството на монетарно злато во државните девизни резерви

Народната банка го зголеми количеството на монетарно злато во девизните резерви на Македонија преку постапка на претопување на пригодни ковани пари и на одземени златни предмети во монетарно злато.

На тој начин, Народна банка стекна нови шест прачки монетарно злато со пазарна вредност од околу 2,6 милиони евра, кое во целост ги задоволува стандардите за квалитет утврдени на пазарот на благородни метали во Лондон.

– Оваа постапка се реализира во согласност со одлуката на Владата за претворање на пригодните ковани пари во монетарно злато и во согласност со измените и со дополнувањата на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и во прекршочна постапка, според кои на Народната банка ѝ беа отстапени дефинитивно одземени златни предмети од Агенцијата за управување со одземен имот – се вели во соопштението на Народна банка.

Пригодните ковани пари и одземените златни предмети беа испратени на постапка на претопување во швајцарска топилница, по што функционално се претворија во монетарно злато и се вклучија во девизните резерви на државата.

На тој начин, се зголеми количеството на монетарно злато во девизните резерви на Македонија за 2.288 унци, односно од 218.875 унци се искачи на 221.163 унци злато.