Македонија Се расчистува одронот на патот Средно Водно – Пантелејмон

Се расчистува одронот на патот Средно Водно – Пантелејмон

Екипите на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“, го расчистуваат одронот на патот Средно Водно – Пантелејмон, кој во текот на изминатата ноќ ги покри двете сообраќајни ленти на оваа делница и го оневозможи одвивањето на сообраќајот.

Работниците од ЈП „Улици и патишта“ со соодветна механизација уште веднаш излегоа на терен и ги расчистуваа наносите земја и камења од патот. Во моментов, за сообраќај е проодна едната сообраќајна лента. За неколку часа се очекува целосно да биде расчистена и другата сообраќајна лента, со што сообраќајот на патот Средно Водно – Пантелејмон ќе се одвива без ограничување.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни при движењето на оваа делница, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, а доколку се во можност, при своето движење да ја користат околната патна мрежа.