Македонија Се одбележува Денот на Армијата, честитки од министерот Мисајловски

Се одбележува Денот на Армијата, честитки од министерот Мисајловски

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”

Фото: Влада на РСМ

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска го честиташе 18-ти Август – Денот на Армијата, на сите припадници на вооружените сили и им порача дека тие се пример за тоа што значи вистинска љубов кон татковината. Денеска се одбележува 32 години од формирањето на Армијата, а на свеченоста во Центарот за обука на вода во Охрид обраќања ќе имаат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот Мисајловски.

„По повод 18. Август Денот на Армијата, упатувам честитки и благодарност до сите вас кои служите со чест, храброст и непоколеблива посветеност. Вашата професионалност и подготвеност секогаш да одговорите на предизвиците е инспиративна. Секојдневно вложувајќи се со храброст, пожртвуваност и лојалност, вашите придонеси не остануваат незабележани. Вие сте пример за тоа што значи вистинска љубов кон татковината. Верувам во вас и се гордеам со вас. Продолжете да бидете штит на безбедноста и стабилноста на Македонија“, стои во честитката на Мисајловски.

На Централната свеченост во Охрид ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должност началник на генералштабот на Армијата од досегашниот началник на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на новопоставениот началник на ГШ, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

Одбележување на Денот на Армијата почна во петокот со традиционален свечен собир на вработените на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката. Во скопската касарна „Илинден“ во саботата беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата. За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија.