Македонија Се намалува бројот на вакцинирани деца

Се намалува бројот на вакцинирани деца

Во 2013 година во земјата биле вакцинирани вкупно 97 отсто од децата, а во 2014 вкупниот опфат на вакцинирани деца изнесува 95 отсто, пишува „Утрински“, повикувајќи се на податоците што на годинешниот состанок за имунизација ги соопштила д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство.

Според податоците, имунизацијата во земјава бележи пад од два до три проценти кај речиси сите видови вакцини, а здравствените власти за ваквата состојба вината ја лоцираат во антивакциналното движење.

– ХПВ-вакцинирањето останува со најнизок процент, односно опфатот е околу 55 отсто. Ако се продолжи со вакви антикампањи за имунизација и ако родителите продолжат да не ги слушаат лекарите, постои опасност процентот на вакцинација и понатаму да опаѓа, да се создаде ризична група на невакцинирани деца и да се вратат заболувањата од минатиот век – предупредила Костовска, пренесува „Утрински“.

Според неодамна објавените податоци на Институтот за јавно здравје, пишува весникот, бројот на вакцинирани деца секаде е намален, a вкупниот опфат на вакцинирани деца со сите вакцини по региони покажува дека во Пробиштип опфатот е паднат на 89 отсто, во Скопје на 88 отсто, а во Валандово на 87 отсто.