Македонија СДСМ бара почитување на законите од „Дојче телеком“ и од „Маѓар телеком“

СДСМ бара почитување на законите од „Дојче телеком“ и од „Маѓар телеком“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија писмено ги информираше компаниите „Дојче телеком“ и „Маѓар телеком“ за случувањата во Македонија, од аспект на потенцијална вмешаност на раководните структури на „Македонски телеком“ и на „Ти-мобајл Македонија“ во незаконско и неетичко однесување.

Во писмото, СДСМ изразува задоволство од присуството на реномираната фирма во Македонија и бара преземање конкретни чекори од двете компании во интерес на граѓаните на Република Македонија и на имиџот на компаниите.

„Од доказите што се доставени до СДСМ, евидентно е незаконско следење и тонско снимање на комуникациите на повеќе од 20.000 граѓани од Управата за безбедност и контраразузнавање. Дополнително, од објавените аудиодокази се потврдуваат злоупотреби и прекршувања на законските и интерните процедури на „Македонски телеком“ и на Ти-мобајл Македонија“. Извршен член на одборот на директори и главен извршен директор на „Ти-мобајл“, Жарко Луковски, му рапортира на министерот за транспорт и врски за направени списоци на вработените во „Македонски телеком“ и во „Ти-мобајл“. Се договара притисок врз вработените и закани со бркање од работа доколку не гласаат за партијата ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението од СДСМ.

СДСМ, се вели понатаму во писмото, нема намера да ги инволвира „Дојче телеком“ и „Маѓар телеком“ во политичките случувања во Република Македонија, туку бара доследно спроведување на законите и на интерните акти на компаниите, во интерес на сите граѓани на Република Македонија, како и на корисниците на услугите на „Македонски телеком“ и на „Ти-мобајл Македонија“.

За потсетување, пред неколку дена „Маѓар телеком“ објави дека планира истрага што ќе ја спроведуваат надворешни консултанти во нејзината фирма-ќерка во Македонија.