Свет Европа САД воведоа нови санкции кон Русија

САД воведоа нови санкции кон Русија

САД воведоа нови санкции кон Русија и на листата казнети поради руските постапки во Украина се додадени соработници на руски милијардер и трговец со гас, управата на кримското пристаниште и некогашни украински претставници.

Канцеларијата за надзор на странски средства на американското министерство за финансии (ОФАЦ) воведе мерки против осум приватни и правни лица, кои му даваат поддршка на Генадиј Тимченко, влијателен трговец со гас, кој веќе е под санкции.

На листата санкционирани се најдоа и две правни лица кои соработуваат со Борис Ротенберг, руски бизнисмен и соработник на претседателот Владимир Путин.

Мерките имаат цел да ја присилат Русија да се придржува кон обврските на кои се согласи во Минск за да се сопрат судирите на украинските сили и на проруските сепаратисти на истокот на Украина.

САД воведоа санкции и против четворица украински претставници и нивни блиски соработници, поврзани со некогашниот украински претседател Виктор Јануковиќ, кој минатата година беше симнат од власт по повеќемесечните протести и кој потоа побегна во Русија.