Економија Сѐ повеќе трансакции преку платежните картички и електронското банкарство

Сѐ повеќе трансакции преку платежните картички и електронското банкарство

Расте употребата на платежните картички, но и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, односно платни налози

Фото: Мета.мк

Нагорен тренд во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќања во земјата, особено од страна на граѓаните, се забележува од податоците што ги објави Народна банка за третиот квартал од минатата 2023 година.

Сѐ почесто се користат платежните картички, но и мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, односно таканаречените платни налози.

Годишниот раст на употребата на платежни картички за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјава од страна на граѓаните, во третиот квартал на 2023 година, во споредба со истиот период од претходната година, изнесува 12,8 отсто кај бројот и 10 проценти кај вредноста на овие трансакции.

Притоа, значителен годишен раст од 15,1 отсто е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, што, пред сѐ, се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба и на солидниот раст на плаќањата на продажните места на интернет.

Плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери, односно платни налози, во истиот период бележи годишен раст од 9,3 отсто кај вредноста и 5 проценти кај бројот на остварени трансакции. Бројот на електронски иницираните платни налози во третиот квартал на 2023 година бележи годишен раст од 16,1 процент. Позитивен нагорен тренд се забележува особено кај употребата на апликациите на мобилните телефони (19,5%) и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата (11,8%).