Свет Свет Русија ќе гради нуклеарни реактори во Иран

Русија ќе гради нуклеарни реактори во Иран

Руската државна компанија „Росатом“ ќе изгради два нови нуклеарни реактори во рамките на иранската нуклеарка „Бушер“, јавуваат светските медиуми.

Претставниците на Русија и на Иран денеска во Москва го потпишаа договорот за соработка, во кој освен изградбата на двата реактори, се наведува дека руските експерти би можеле да бидат ангажирани за градење дополнителни четири реактори на други локации во Иран, стои во соопштението од „Росатом“.

Иран засега поседува шест нуклеарни реактори, а со изградбата на новите два, бројот ќе се зголеми на осум.
Со договорот, како што се наведува во соопштението, е предвидено и „производството на компонентите на нуклеарното гориво во Иран“.

Меѓународната заедница врши притисок врз Иран поради обемот на нуклеарната програма, за која сметаат дека би можела да биде параван за производство на нуклеарно оружје. Официјален Техеран ги отфрли ваквите обвиненија, наведувајќи дека станува збор за програма за мирновременски цели.